Онтогенеза
Онтогенеза — поединечниот развиток на една единка и ги опфаќа фазите од развитокот на еден организам. Тоа е систематска низа на прогресивни преобразби на оплодената јајце-клетка или друг зачеток во нова, возрасна единка, кои го зголемуваат степенот на сложеност на организмот.
Гаметогенеза
[уреди | уреди извор]Гаметогенезата е првата фаза од онтогенезата и опфаќа низа на базични процеси што го почнуваат развитокот на новата единка. Гаметогенезата се одвива пред оплодувањето и вклучуваат сперматогенеза (развиток на сперматозоидите) и оогенеза (развиток на јајце-клетките).
Оплодување
[уреди | уреди извор]Ова е втора фаза од онтогенезата. Во неа се опфатени повеќе физиолошки процеси кои доведуваат до активирање на јајце-клетката со сперматозоидот.
Кај некои попросто организирани животни и кај повеќето растенија отсуствува оплодувањето, бидејќи тие се размножуваат бесполово. Сите наредни фази од онтогенезата (вклучувајќи го и оплодувањето) отсуствуваат при бесполовото размножување на организмите.
Браздење (бластулација)
[уреди | уреди извор]Третата фаза се нарекува браздење (односно бластулација). При оваа фаза, зиготот се дели со брзи митотички делби, а секоја нова клетка добива своја форма и место во масата на нови клетки. Масата на нови клетки минува низ две форми на развиток, и тоа морула (во вид на црница) и бластула.
Четвртата фаза од поединечниот развиток е гаструлацијата. Таа претставува движење на клетките со цел да се образува формата на развиток наречена гаструла. Најважни промени на ембрионот при гаструлацијата се:
- Органогенеза - формирање на органите
- Хистолошка диференцијација - формирање на три ембрионални листови (слоеви): ектодерм, мезодерм и ендодерм
- Морфогенеза - дооформување на органите и деловите на телото (раце, нозе итн.) и
- Растење на зачетоците на органите, при што новиот организам ја достигнува големината на своите родители.
Трансформацијата на ткивата - метаморфоза, се случува само кај некои видови на животни, кај кои младото се раѓа од јајце и има специјални органи кои ги нема возрасниот организам. Кај овие животни, метаморфозата е петта задолжителна фаза од онтогенезата.
Кај некои видови и кај возрасните животни, изгубените делови на телото можат да се регенерираат, односно процесите на развитокот се повторуваат и кај возрасните.
Заздравувањето на оштетените ткива е карактеристично и за највисоко организираните животни, па дури и за човекот (епидермис, скршени коски итн.).
Сите промени на возрасниот организам, меѓу кои се и стареењето и смртта, го завршуваат онтогенетскиот развиток на еден организам.