[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Лешек Белиот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лешек Белиот на цртеж

Лешек I Белиот (пол. Leszek Biały; ~ 11861227) — кнез на Сандомјеж и (од 1202 до 1206 г.), Кнез на Краков. Лешек бил владетел на Полска од 1194-1227 освен во кратките периоди кога бил симнуван од власт во 1200, 1201 и 1206 г. Неговото право на престолот го оспорувале Мјешко III Стариот и Владислав III Тенконогиот. Лешек бил официјално крунисан во 1202 г.

Други извори даваат уште посложена слика за владеењето на Лешек, каде помеѓу 1198 и 1211 г. Лешек бил симнуван од престолот на уште повеќе наврати. Според овој план, се смета дека тој бил отстранет во 1198, вратен во 1199, симнат во 1202 и повторно поставен во 1206, па потоа отстранет по третпат во 1210 и поставен во 1211 г. При неговото трето симнување од власт, за врховен владетел на полска бил назначен Мјешко IV Плетоногиот.

Лешек бил син на Казимјеж II Праведниот и жена му Хелена Зноемска. Со смртта на Казимјеж, Лешек се повикал на правото врз територии од Сандомјеж.

Во 1205 г. Лешек го поразил Роман Мстиславич, Кнез на Киевска Русија, во Битката кај Завихост во Малополска.

Во 1207 г. Лешек ја ставил Полска под вазалство на папата (тогаш, Инокентиј III). Ова ја поставило Полска во дружината на пропапски територии кои ѝ се спротивставувале на власта на Светиот Римски цар.[1]

По ова, Лешек влегол во потесна соработка со архиепископот Хенрик Кјетлич во имплементацијата на реформите на папата Инокентиј III.[2]

Лешек војвуал со Унгарија за власта над Галиција, но не успеал да ја прошири својата власт над тие територии.[3] Меѓутоа Лешек постигнал спогодба со Унгарија за ширење кон исток, според која унгарскиот принц би се оженил за една од Лешековите ќерки и така што биде поставен за вазал на Унгарија, со очигледна корист и за Полска. Меѓутоа кралот Данило Галички, син на починатиот крал Роман Мстиславич, во 1214 успеал да ја дограби власта во Галиција и така намерите на Полска за превласт и ширење на католицизмот во тие краеви пропаднале.[2]

Лешек се оженил за Гшимислава Луцка во 1207 г. Таа била ќерка на Ингвар Луцки, владетелот на Луцк и околината, како дел од Галиција. Така овој брак станал дел од Лешековата политика за експанзија на исток.

Лешек има ќерка, Саломеја Краковска, родена во 1211 г. Таа се омажила за војводата Коломан.[4] Коломан бил син на унгарскиот крал Андреј II (Андраш II). Венчавката се одржала околу 1215 г. кога Саломеја имала 4 години, а Коломан имал 7. Било предвидено тие да бидат владетели на Галиција, но во согласност со гореспоменатото, нештата се измениле и ова никогаш не се остварило.

Лешек и Гшимислава имале и син - Болеслав V Срамежливиот.

Споменик на Лешек Белиот во с. Марќинково Гурне

Во 1227 г., за време на собрание на полските властелини во Гонсава Лешек бил убиен (веројатно по наредба на војводата Свјентопелк II Поморски). Ова се случило бидејќи Лешек се обидел да го натера Свјентопелк да му се потчини нему.[5]

Во една позната анегдота, Лешек еднаш му објаснил на папата дека полските витези не можат да учествуваат во крстоносната војна бидејќи во Палестина нема медовина/пиво[6].

Во културата

[уреди | уреди извор]

Во 1809 г. била изведена опера за Лешек под наслов „Лешек Белиот“. Нејзин автор бил Јозеф Елснер.[7]

  1. Оскар Халецки и Антони Полонски. A History of Poland стр. 28 (англиски)
  2. 2,0 2,1 Халецки и Полонски. Poland. стр. 29
  3. http://artyzm.com/matejko/poczet/e_bialy.htm
  4. http://www.thepeerage.com/p11414.htm
  5. Халецки и Полонски. Poland. стр. 29.
  6. http://www.beer100.com/history/meadhistory.htm
  7. http://www.answers.com/topic/leszek-bialy-opera