Г8
Група на Осумте |
---|
|
Група на Осумте (Г8) — име на групата влади на осумте водечки индустријализирани земји. Таа претставува неформална група која иницира дискусии на определени теми, но не донесува официјални одлуки.[1] Првично, групата била создадена од шесте водечки индустријализирани држави, а подоцна била проширена за уште два члена.[2] Русија, која била поканета да се приклучи како последен член, била исклучена од групата на 24 март 2014 година, како последица на нејзината вмешаност во Кримската криза во Украина.[3] Така групата сега е составена од седум држави и ќе продолжи да се состанува како Г7.
Групата била создадена во 1975 година на самитот одржан во Рамбује (Rambouillet), Франција, на кој присуствувале претставници на шест влади: Франција, Западна Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, под името Група на Шесте или Г6. Во 1976 година, Канада се приклучила на групата (со што се создала групата позната како Г7). Г7 е составена од седумте најбогати и најразвиени држави во светот (по националното нето богатство или по БДП[4]) и останала активна дури и во периодот на Г8. Во 1997 година се приклучува и Русија (членка до 2014 година), со што се создава Г8. Иако Европската Унија е претставена во рамките на Г8, таа не може да биде домаќин или претседавач.[5] На 40. самит на групата, Европската Унија по првпат била домаќин и претседавач на самитот.
„Г8“ може да се однесува на земјите-членки во целина или на годишниот самит на шефовите на влади и држави на Г8. Поранешниот назив Г6 сега најчесто се однесува на шесте најнаселени држави во рамките на Европската Унија. Министрите на Г8 исто така се состануваат во текот на годината, како министрите за финансии на Г7/Г8 (кои се сретнуваат четири пати годишно), министрите за надворешни работи или министрите за животна средина на Г8.
Севкупно, во 2012 година, земјите на Г8 образувале 50,1% од глобалниот номинален БДП во 2012 и 40,9% од глобалниот БДП (ПКМ). Секоја година, одговорноста за организирање на самитот на Г8 се менува низ земјите членки во следниот ред: Франција, САД, Велика Британија, Русија, Германија, Јапонија, Италија и Канада. Претседавачот на претседателството поставува дневен ред, го организира самитот таа година и одредува кои министерски состаноци ќе се одржат. Во последно време, Франција и Велика Британија изразуваат желба за проширување на групата со пет земји во развој, нарекувајќи го Плус Пет: Бразил (7. земја во светот по номинален БДП[4]), Кина (2. земја во светот по БДП[4]), Индија (10. земја во светот по БДП[6]), Мексико и Јужна Африка. Овие земји учествувале како гости на состаноците кои понекогаш се наречени Г8+5.
Со растот на групата Г20 големи економии во углед, по самитот во Вашингтон во 2008 година, светските водачи од групата објавиле на нивниот самит во Питсбург на 25 септември 2009 година, дека групата ќе го замени Г8 како главен економски совет на богатите народи.[7]
На 24 март 2014 година, првобитните земји на Г7 изгласале моментално суспендирање на Русија од организацијата како одговор на руското припојување на Крим;[8][9][10] меѓутоа, било истакнато дека суспензија била привремена.[11]
Историја
[уреди | уреди извор]Замислата за постоење на група составена од водечките индустријализирани земји во светот се појавила пред нафтените кризи во 1973 година. На 25 март 1973 година, американскиот министер за финансии Џорџ Шулц свикал неформален собир на министрите за финансии од Западна Германија (Хелмут Шмит), Франција (Валери Жискар д’Естен) и Британија (Ентони Барбер) пред претстојниот состанок во Вашингтон. Кога идејата му се допаднала на претседателот Никсон, кажал дека сепак ќе биде надвор од градот, но ја понудил да се искористи Белата куќа; состанокот подоцна бил одржан во библиотеката на приземјето.[12] Врз основа на името на собар, оваа првобитна група на четворицата станала позната како „Библиотечна група“.[13] Во средината на 1973 година, на состаноците на Светска банка и ММФ, Шулц предложил да се додаде Јапонија на првичните четири земји, а другите се согласиле.[14] Неформален собир на високи финансиски функционери од САД, Велика Британија, Западна Германија, Јапонија и Франција станале познат како „Група на Петте“.[15]
Наредната година била една од најдинамичните во повоената ера. Шефовите на влади или држави на десетте индустриски земји паѓале поради болест или скандали. Имало двапати избори во Велика Британија, тројца канцелари во Западна Германија, тројца претседатели во Франција, тројца премиери во Јапонија и Италија, двајца американски претседатели, а премиерот Трудо на Канада бил приморан на предвремени избори. Членовите на „Групата на Петте“, сите биле нови во работата, со исклучок на премиерот Трудо.
Во 1975 година, Шмит и Жискар Д'Естен биле нови шефови на влади и држави во нивните соодветни земји и бидејќи и обајцата говореле течно англиски, лесно можеле да се договараат со британскиот премиер Харолд Вилсон и американскиот претседател Џералд Форд. Така, кон крајот на пролетта, францускиот претседател ги поканил водачите од Западна Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД на самит во замокот Рамбује; шестемина водачи се согласиле да се одржува годишен состанок кој ќе се менува помеѓу земјите, со што се создала Групата на Шесте (Г6). Следната година, откако Вилсон не бил повеќе премиер на Британија, Шмит и Форд побарале да се повика и Канада и групата станала Група на Седумте (Г7). Европската Унија е претставена од Претседателот на Европската комисија и од водачот на земјата која го поседува претседателството на Европската Унија. Претседателот на Европската комисија учествувал на сите состаноци откако првпат бил поканет од Велика Британија во 1977 година,[16] додека Претседателот на Советот исто така редовно присуствува на состаноците.
По самитот на Г7 во Неапол во 1994 година, руски функционери одржале одвоени состаноци со водачите на Г7 по состаноците на групата. Овој неформален аранжман бил наречен како Политичките 8 (П8) — или, вообичаено, Г7+1. На покана на премиерот на Велика Британија Тони Блер и претседателот на САД Бил Клинтон, претседателот Борис Јелцин бил отприн поканет како гостин набљудувач, а подоцна како целосен учесник. Било сметано дека ова е начин да се охрабри Јелцин со неговите капиталистички реформи. Русија службено ѝ се приклучила на групата во 1998 година, со што станале на Група на Осумте, или Г8.
Храна
[уреди | уреди извор]Главна грижа на Г8 од 2009 година било глобалното обезбедување на храна.[17] На самитот во Лаквила во 2009 година, членовите на Г8 ветиле дека ќе обезбедат 20 млрд. долари за проблемот во следните три години.[18] Оттогаш, само 22% од ветените фондови биле обезбедени.[19]
На самитот во 2012 година, претседателот Барак Обама планирал да ги праша водачите на Г8 да ја прифатат политиката која ќе дозволи приватизирање на инвестициите во храна.[20]
Кримска криза и руската суспензија
[уреди | уреди извор]На 2 март 2014 година, останатите членови на Г8, Европската Унија и Европската комисија го суспендирале планираниот состанок на Г8 во рускиот град Сочи и наместо тоа се сретнале како Г7 во Брисел,[21] обвинувајќи ја Русија за вмешаност во Кримската криза.[22] По суспензијата на самитот, на 18 март, францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус тврдел дека Русија била суспендирана од Г8; меѓутоа, германската канцеларка Ангела Меркел и гласноговорникот на француското министерство за надворешни работи Ромен Надал[23] објасниле дека Русија ќе остане член на Г8 и дека само состанокот ќе биде суспендиран.
Додека го посетувал Киев, Украина, на 22 март, канадскиот премиер Стивен Харпер изјавил дека го поддржува исфрлувањето на Русија од Г8 и дека очекува да се дискутира за можното исфрлање со другите водачи на Г7 на претстојниот состанок во Хаг.[24] На 24 март, водачите на Г7 се сретнале во Хаг, без да биде присутна Русија и официјално изгласале суспендирање на членството на Русија од Г8. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно во истиот ден изјавил дека Г8 била неформална организација и дека членството е само избор за Русија.[8]
Структура и активности
[уреди | уреди извор]На Г8 намерно му недостасува административна структура како оние на меѓународните организации, како Обединетите нации или Светската банка. Групата нема статут, изјава за мисијата, формална организациска структура, постојан секретаријат или канцеларии за нејзините членки.
Претседателството на групата се менува секоја година помеѓу земјите членки, а секоја нов мандат започнува на 1 јануари во годината. Редоследот на ротацијата е следен: Франција, САД, Велика Британија, Русија, Германија, Јапонија, Италија и Канада.[25] Државата која го има претседателството е одговорна за планирање и организирање низа состаноци на министерско ниво, како и самитот на шефовите на влади и држави. Претседателот на Европската комисија учествува подеднакво на сите настани на самитот.[26]
Покрај годишните состаноци кои се посветени на економските прашања, Г8 организира и министерски форуми насоечни кон определени области, како: невработеноста, криминалот, енергијата, тероризмот итн. Исто така, повремено се формираат работни групи (task forces) за обезбедување информации за перењето пари.[1] На министерските состаноци присуствуваат одговорните министри за различни области за да разговараат за заеднички или глобални проблеми. Темите се однесуваат за здравството, спроведувањето на правото, трудот, економскиот и општествениот развој, енергијата, животната среда, надворешните односи, правда и внатрешни работи, тероризмот и трговијата. Постојат и одделни средби познати како Г8+5, создадени за време на самитот во Шкотска во 2005 година, на кој присуствувале сите министри за финансии и за енергија на осумте членки плус петте држави во разој, кои се познати како Група на Петте — Бразил, Народна Република Кина, Индија, Мексико и Јужна Африка.[27]
Во јуни 2005 година, министрите за правда и за внатрешни работи од земјите на Г8 се согласиле да започнат меѓународна база на податоци за педофили.[28] Исто така се согласиле да ги координираат податоците за тероризмот, кои биле предмет на ограничувања од страна на законите за приватност и безбедност во поединечни земји.[29]
Глобална енергија
[уреди | уреди извор]На самитот во Хајлигендам во 2007 година, Г8 го прифатил предлогот од ЕУ за светска иницијатива за енергетска ефикасност. Се согласиле да се истражува, заедно со Меѓународната енергетска агенција, најефективниот начин за промовирање на енергетската ефикасност на меѓународно ниво. Една година подоцна, на 8 јуни 2008 година, Г8 заедно со Кина, Индија, Јужна Кореја и Европската комисија го основале Меѓународното партнерство за соработка за енергетска ефикасност на состанокот на министрите за енергија одржан во Јапонија.[1][30]
Министрите за финансии на Г8, во рамките на подготовките за 34. самит на шефовите на влади и држави на Г8 во Тојако, се сретнале на 13 и 14 јуни 2008 година, во Осака. Се согласиле на „Акцискиот план на Г8 за климатските промени со зголемување на приватните и јавните финансиски институции“. На затворањето, министрите го поддржале создавањето на новите Климатски инвестициски фондови (CIF) од страна на Светската банка, кои ќе помогнат на постоечките напори, додека да се имплементира новата рамка под покровителство на Обединетите нации во 2012 година. Сепак, рамката најверојатно нема да ги исполни ниедна од зацртаните цели.[31]
Годишен самит
[уреди | уреди извор]На годишниот самит на водачите на Г8 присуствуваат шефовите на влади и држави на земјите.[32] Земјата членка што го држи претседателството на Г8 е одговорна за организирање на самитот и е домаќин на годишниот самит.
Датум | Домаќин | Водач на домаќинот | Место | Мрежно место | Забелешки | |
---|---|---|---|---|---|---|
1. | 15-17 ноември 1975 | Франција | Валери Жискар д’Естен | Рамбује | Самит на Г6 | |
2. | 27-28 јуни 1976 | САД | Џералд Форд | Дорадо, Порторико[33] | Исто наречен „Рамбује II“; Канада се приклучи на групата, создавајќи ја Г7[33] | |
3. | 7-8 мај 1977 | Обединето Кралство | Џејмс Калахан | Лондон | Претседателот на Европската комисија е поканет да се приклучи на годишните самити на Г7 | |
4. | 16-17 јули 1978 | Западна Германија | Хелмут Шмит | Бон, Северна Рајна-Вестфалија | ||
5. | 28-29 јуни 1979 | Јапонија | Масајоши Охира | Токио | ||
6. | 22-23 јуни 1980 | Италија | Франческо Косига | Венеција | в.д. премиерот Масајоши Ито на Јапонија не присуствувал. | |
7. | 20-21 јули 1981 | Канада | Пјер Трудо | Монтебело, Квебек | ||
8. | 4-6 јуни 1982 | Франција | Франсоа Митеран | Версај | ||
9. | 28-30 мај 1983 | САД | Роналд Реган | Вилијамсбург, Вирџинија | ||
10. | 7-9 јуни 1984 | Обединето Кралство | Маргарет Тачер | Лондон | ||
11. | 2-4 мај 1985 | Западна Германија | Хелмут Кол | Бон, Северна Рајна-Вестфалија | ||
12. | 4-6 мај 1986 | Јапонија | Јасухиро Накасоне | Токио | ||
13. | 8-10 јуни 1987 | Италија | Аминторе Фанфани | Венеција | ||
14. | 19-21 јуни 1988 | Канада | Брајан Малрони | Торонто | ||
15. | 14-16 јули 1989 | Франција | Франсоа Митеран | Париз | ||
16. | 9-11 јули 1990 | САД | Џорџ Х. В. Буш | Хјустон | ||
17. | 15-17 јули 1991 | Обединето Кралство | Џон Мејџор | Лондон | ||
18. | 6-8 јули 1992 | Германија | Хелмут Кол | Минхен, Баварија | ||
19. | 7-9 јули 1993 | Јапонија | Кичи Мијазава | Токио | ||
20. | 8-10 јули 1994 | Италија | Силвио Берлускони | Неапол | ||
21. | 15-17 јуни 1995 | Канада | Жан Шретјен | Халифакс, Нова Шкотска | [34] | |
22. | 27-29 јуни 1996 | Франција | Жак Ширак | Лион | Прво појавување на меѓународни организации на самитите на Г7. Први поканети биле: Обединети нации, Светска банка, Меѓународен монетарен фонд и Светска трговска организација.[35] | |
23. | 20-22 јуни 1997 | САД | Бил Клинтон | Денвер | [36] | Русија се приклучила на групата, создавајќи го Г8 |
24. | 15-17 мај 1998 | Обединето Кралство | Тони Блер | Бирмингем | [37] | |
25. | 18-20 јуни 1999 | Германија | Герхард Шредер | Келн, Северна Рајна-Вестфалија | [38] | Прв самит на Г-20 големи економии во Берлин |
26. | 21-23 јули 2000 | Јапонија | Јоширо Мори | Наго, Окинава | [39] | Создавање на Г8+5, била поканета и Јужна Африка. До 38. самит на Г8 во 2012 година биле повикувани на самитите без прекин. Исто така, со дозвола на водач на Г8, други држави биле повикувани на самитите на периодична основа по првпат. Нигерија, Алжир и Сенегал ги прифатиле нивните покани за овој самит. Светската здравствена организација била исто така поканета по првпат.[35] |
27. | 20-22 јули 2001 | Италија | Силвио Берлускони | Џенова | [40] | Водачите од Бангладеш, Мали и Ел Салвадор ги прифатиле нивните покани за овој самит.[35] Демонстрантот Карло Џулијани бил погоден и убиен од полицијата во текот на насилните протести. Едни од најголемите и најнасилни антиглобални протести се случиле за време на овој самит.[41] По овие настани и нападите на 11 септември два месеци подоцна во 2001 година, Г8 се сретнувал на подалечни места. |
28. | 26-27 јуни 2002 | Канада | Жан Шретјен | Кананаскис, Алберта | [42] | Русија добила дозвола официјално да организира самит. |
29. | 2-3 јуни 2003 | Франција | Жак Ширак | Евијан ле Бен | [1] Архивирано на 7 април 2011 г. | Неофицијално била создадена Г8+5, кога Кина, Индија, Бразил и Мексико биле поканети по првпат. Јужна Африка се приклучила на самитот по 2000 година. Други првопоканети земји биле: Египет, Мароко, Саудиска Арабија, Малезија и Швајцарија.[35] |
30. | 8-10 јуни 2004 | САД | Џорџ В. Буш | Си Ајланд, Џорџија | [43] | Рекорден број на водачи од 12 различни земји ги прифатиле нивните покани. Помеѓу другите биле: Гана, Авганистан, Бахреин, Ирак, Јордан, Турција, Јемен и Уганда.[35] Исто така, погребот на поранешниот претседател Роналд Реган се одржал во текот на самитот. |
31. | 6-8 јули 2005 | Обединето Кралство | Тони Блер | Глениглс, Шкотска | [44] | Г8+5 била официјално создадена. На вториот ден на состанокот, самоубиствени бомбаши убиле 52 лица во лондонската подземна железница и во автобус. Првопоканети земји биле Етиопија и Танзанија. Африканската Унија и Меѓународната енергетска агенција првпат се појавиле.[35] Во текот на самитот во Велика Британија, 225.000 луѓе излегле на улиците на Единбург како дел од кампањата Make Poverty History повикувајќи на трговска правда, отпишување на долгот и подобра помош. Бројни други протести се одржале, кои биле предизвик за легитимитетот на Г8.[45] |
32. | 15-17 јули 2006 | Русија | Владимир Путин | Стрелна, Санкт Петербург | [2] Архивирано на 21 април 2015 г. | Прв самит на Г8 во Русија. Меѓународната агенција за атомска енергија и УНЕСКО првпат биле на самитот.[35] |
33. | 6-8 јуни 2007 | Германија | Ангела Меркел | Хајлигендам, Мекленбург-Западна Померанија | [3] | Седум различни меѓународни организации ги прифатиле нивните покани на самитот. Организацијата за економска соработка и развој и Заедницата на независни држави првпат биле на самитот.[35] |
34. | 7-9 јули 2008 | Јапонија | Јасуо Фукуда | Тојако, Хокаидо | [46] | Земји кои по првпат ги прифатиле поканите на Г8 на самитот биле: Австралија, Индонесија и Јужна Кореја.[35] |
35. | 8-10 јули 2009 | Италија | Силвио Берлускони | Лаквила, Абруцо | [4] Архивирано на 26 август 2009 г. | Овој самит на Г8 бил првично планиран да биде во Ла Мадалена (Сардинија), но бил преместен во Лаквила како начин на покажување желба на премиерот Берлускони за помош на областа во и околу Лаквила по земјотресот кој ја погодил областа на 6 април 2009 година. Земји кои првпат ги прифатиле поканите на Г8 за самитот биле: Ангола, Данска, Холандија и Шпанија.[47] Рекордни десет меѓународни организации биле претставени на овој самит. По првпат, Организацијата за храна и земјоделство, Меѓународниот фонд за земјоделски развој, Светската програма за храна и Меѓународната организација на трудот ги прифатиле нивните покани.[48] |
36. | 25-26 јуни 2010[49] | Канада | Стивен Харпер | Хантсвил, Онтарио[50] | Малави, Колумбија, Хаити и Јамајка по првпат ги прифатиле нивните покани.[51] | |
37. | 26-27 мај 2011 | Франција | Никола Саркози | Довил,[52] Долна Нормандија | [5] | Гвинеја, Нигер, Брегот на Слоновата Коска и Тунис ги прифатиле нивните покани по првпат. Исто така, Арапската Лига по првпат била на самитот.[53] |
38. | 18-19 мај 2012 | САД | Барак Обама | Кемп Дејвид[54] | [6] | Самитот бил првично планиран во Чикаго, заедно со самитот на НАТО, но на 5 март 2012 година официјално било објавено дека самитот на Г8 ќе се одржи на поприватно место во Кемп Дејвид еден ден пред планираното.[55] Исто така, ова бил втор самит на Г8, на кој еден од клучните водачи (Владимир Путин) одбил да учествува. Овој самит на Г8 се состоел само од клучните водачи; ниеден друг водач или меѓународна организација биле поканети. |
39. | 17-18 јуни 2013 | Обединето Кралство | Дејвид Камерон | Лох Ерн, Северна Ирска[56] | [7] | Како во 2012 година, само клучните членови на Г8 присуствувале на самитот. Четири главни теми на состанокот биле трговијата, владината транспарентност, даночната евазија и постоечката сириска криза.[57] |
40. | 4-5 јуни 2014 | Европска Унија ( Белгија) |
Херман ван Ромпуј Жозе Мануел Барозо |
Брисел | [8] Архивирано на 9 јуни 2014 г. | Самит на Г7 како алтернативен состанок без Русија во 2014 година поради поврзаноста со кримската криза.[58] Самитот на Г8 не се одржал во Сочи, Русија. Самитот на Г7 бил преместен во Брисел, Белгија.[59] |
41. | 4-5 јуни 2015 | Германија | Ангела Меркел | Замок Елмау |
Факти за членките
[уреди | уреди извор]Земјите-членки на Г8 ги претставуваат:
- 7 од 7. најразвиени економии со најголем БДП и највисоко ниво на национално богатство (САД, Јапонија, Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада) познати и како Г7[60]
- 7 од 15. земји со највисоко нето богатство по глава на жител (САД, Франција, Јапонија, Велика Британија, Италија, Канада и Германија)
- 8 од 12. водечки извозни земји.[61]
- 6 од 10. земји со најголеми златни резерви (САД, Германија, Италија, Франција, Русија и Јапонија).
- 8 од 11. економии (по номинален БДП), според последни податоци (од 2012 г.) од Меѓународниот монетарен фонд.
- 4 земји со номинален БДП по глава на жител над 40.000 американски $ (САД, Канада, Германија и Франција).
- 5 земји со фонд на суверено богатство, управуван од централната или покраинската влада (Русија, САД, Франција, Канада и Италија).[62]
- 8 од 30. земји со големи износи на девизни резерви во нивните централни банки.
- 4 од 9. земји што имаат јадрени оружја (Франција, Русија, Велика Британија и САД).[63][64]
- 2 земји кои имаат програми за делење на јадрените оружја (Германија и Италија).[65][66]
- 7 од 9. најголеми производители на јадрена енергија (САД, Франција, Јапонија, Русија, Германија, Канада и Велика Британија), иако Германија објавила во 2011 година дека ќе ги затвори сите свои атомски централи до 2022 година.[67] По земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година, Јапонија ги затворила сите свои јадрени реактори.[68] Меѓутоа, во јули 2012 година, Јапонија повторно отворила два јадрени реактора. Овие реактори се единствените кои работат денес.
- 8 од 15. најголеми придонесувачи кон буџетот на Обединетите нации за фискалната година во 2013 година.
- 4 земји со 0,9 или повисок индекс на човековиот развој во 2013 година (САД, Германија, Јапонија и Канада).
- 2 земји со највисок кредитен рејтинг од Стандард и Пурс, Фич и Мудис (Канада и Германија).[69]
Со Г8+5 и Г20
[уреди | уреди извор]- сите Г8 земји станале членки на неофицијалниот клуб на билион долари (земји со номинален БДП над 1 билион американски долари) до 2005 година. Денес, 14 (од вкупно 15 досега) земји во светот се членки на неофицијалниот клуб и на групата Г-20 големи економии.
- сите од Г8, 15 (од 19) од Г20 и 12 (од 13) Г8+5 земји (минус Јужна Африка) се меѓу 20. најдобро пласирани земји по износот на изборната моќ и специјални права на влечење (СПВ) во Меѓународниот монетарен фонд.
- Сите членки на Г8, освен Русија, и три земји од Г20 нечленки на Г8, Австралија, Јужна Кореја и Аргентина имале индекс на човековиот развој од 0,8 или повеќе во 2013 година.
Вкупно влијание на земјите-членки
[уреди | уреди извор]Заедно, осумте земји кои се дел од Г8 претставуваат околу 14% од светското население, но тие претставуваат околу 60% од светското богатство и 60% од светскиот БДП[70] мерено по бруто-домашниот производ, сите осум земји се во рамките на првите 12 земји според Светската книга на фактите на ЦИА, мнозинството на глобалната воена моќ (седум се во првите осум земји за воени трошоци[71]), и скоро сите активни јадрени оружја во светот.[72] Во 2007 година, вкупните воени трошоци на Г8 биле 850 млрд. американски долари. Ова претставувало 72% од светските воени трошоци. Четири од осумте земји членки, Велика Британија, САД, Франција и Русија, заедно поседуваат околу 96-99% од светските јадрени оружја.[73]
Критики и протести
[уреди | уреди извор]Некои критики се насочуваат на тврдењето дека членките на Г8 не помагаат доволно за глобалните проблеми, како долговите на земјите од Третиот Свет, глобалното затоплување и епидемијата на ХИВ/СИДА — поради строгата патентна политика и други проблеми поврзани со глобализацијата.
Конзервативната Фондација Херитиџ го критикувала Г8 за залагање обезбедување на храна без да се направи простор за економска слобода.[74]
Значење
[уреди | уреди извор]Значењето на Г8 е нејасно.[75] Сè уште ги претставува главните индустријализирани држави, но критиките се насочени дека сега Г8 станала нерепрезентативна на најсилните светски економии. На пример, Кина ја надминала секоја економија, освен американската,[76] додека Бразил ги надминал Канада и Италија (според ММФ). Исто така, според Меѓународниот монетарен фонд и Светската книга на факти на ЦИА, Индија веќе ги надминала Канада, Италија, Германија, Франција и Јапонија гледано според паритетот на куповна моќ, иако останала на 10. место ако се гледа номиналниот БДП. Ова ја поттикнува идејата за проширување на Г8 на Г8+5, кои ги вклучува и овие економски моќни земји. Меѓутоа, други критики тврдат дека замислата за нето-богатство на земјата е различно од националниот БДП.
Откако Владимир Путин не присуствувал на самитот на Г8 во 2012 година во Кемп Дејвид, се тврдело дека самитот ја надживеал својата корисност како важно меѓународно собирање на странски водачи.[77] Како последица на таа одлука, од списанието Foreign Policy изјавиле дека Русија треба да биде избркана од Г8.[78][79] Меѓутоа, друг придонесувач на списанието коментирал дека Г8 е сè уште важна, и покрај зголемувањето на меѓународната моќ и престиж на самитот на Г-20 големите економии.[80]
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјавил на Г8:[81]
Некои луѓе прашуваат, дали Г8 сè уште значи, кога ја имаме групата 20? Мојот одговор е, да. Г8 е група на земји со слично размислување кои го споделуваат верувањето во слободни претпријатија како најдобар пат за раст. Бидејќи осумте земји создаваат околу половина од светскиот бруто-домашен производ, стандардите кои ги поставуваме, обврските кои ги правиме и чекорите кои ги преземаме можат да помогнат при решавање на важни глобални проблеми, помагање на економиите и носење просперитет насекаде низ светот.
Поранешни водачи на земјите-членки на Г8
[уреди | уреди извор]Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 356.
- ↑ „Мислејќи однапред: „Еднократниот" Г22 изгледа корисно“. nyt.com. Посетено на 1 март 2014.
- ↑ „Русија е избркана од групата на Осумте од САД и сојузниците“. The New York Times. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Светска книга на фактите“. Cia.gov. Архивирано од изворникот на 2011-06-04. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ До неодамна, ЕУ немала право да организира самит или да биде претседавач. Претставувана е од Европската комисија и претседателот на Советот. „ЕУ и Г8“. Европска комисија. Архивирано од изворникот на 2007-02-26. Посетено на 25 септември 2007.
- ↑ „БДП (моментални ам. долари)“. Data.worldbank.org. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ „Officials: G-20 to supplant G-8 as international economic council“. CNN. 25 септември 2009. Посетено на 25 септември 2009.
- ↑ 8,0 8,1 „САД и другите сили ја исфрлија Русија од Г8“. CNN.com. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ http://www.nytimes.com/2014/03/25/world/europe/obama-russia-crimea.html?hp
- ↑ „Русија суспендирана од Г8 по припојувањето на Крим“. News.nationalpost.com. 21 март 2014. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ „Русија привремено исфрлена од Г8“. Business Insider. 18 јуни 2014. Посетено на 25 март 2014.
- ↑ Shultz, George P., Turmoil and Triumph: My Years as Secretary of State, 1993, p. 148 ISBN 0-684-19325-6
- ↑ Bayne, Nicholas et al. (2000). Hanging in There, p. 34.
- ↑ Shultz, ibid.
- ↑ Farnsworth, Clyde H. "A Secret Society of Finance Ministers," New York Times. May 8, 1977.
- ↑ „ЕУ и Г8“. Европска Унија. Архивирано од изворникот на 26 декември 2007. Посетено на 17 јули 2006.
- ↑ „Cash-strapped G8 looks to private sector in hunger fight“. Reuters. 18 мај 2012. Архивирано од изворникот на 2012-05-20. Посетено на 18 мај 2012.
- ↑ Lief, Ерик (15 септември 2012). „Финансирање на снабдувањето со храна - Финансиски план на Г8 во Лаквила“. Spotlight. Архивирано од изворникот на 2014-10-10. Посетено на 18 мај 2012.
- ↑ „G8 leaders urged to live up to nutrition commitments“. Farming UK. 18 мај 2012. Посетено на 18 мај 2012.
- ↑ Патрик, Стјуарт М. (16 мај 2012). „Why This Year's G8 Summit Matters“. The Atlantic. Посетено на 18 мај 2012.
- ↑ „Вознемирувачка одлука на Г7“. 27 март 2014. Посетено на 31 март 2014.
- ↑ „Русија не е суспендирана од Г8: Меркел“. The BRICS Post. 19 март 2014. Архивирано од изворникот на 2014-03-29. Посетено на 23 March 2014.
- ↑ „Русија не е суспендирана од Г8“. Voice of Russia. 18 март 2014. Архивирано од изворникот на 2014-07-27. Посетено на 23 март 2014.
- ↑ Пари, Том (22 март 2014). „Стивен Харпер вели дека сака да ја исфрли Русија од Г8“. CBC News. Посетено на 23 март 2014.
- ↑ Истражувачка група Г8. „Што е Г8?“. Универзитет во Торонто. Архивирано од изворникот на 2020-11-27. Посетено на 8 март 2014.
- ↑ Министерство за надворешни работи на Јапонија: Состаноци во минатото; Европска Унија: „ЕУ и Г8“ Архивирано на 26 февруари 2007 г.
- ↑ „G5 Overview; Evolución del Grupo de los Cinco“. Groupoffive.org. Архивирано од изворникот на 2009-07-10. Посетено на 27 јуни 2010.
- ↑ Г8 ќе започне меѓународна база на податоци на педофили Дејвид Бете 18 јуни 2005 The Guardian
- ↑ Г8 ќе ги собира податоците за тероризмот Мартин Вејнврајт 18 јуни 2005 The Guardian
- ↑ Меѓународното партнерство за соработка за енергетска ефикасност (IPEEC). 8 јуни 2008.
- ↑ „Министрите за финансии на Г8 ги поддржаа Климатските инвестициски фондови“. IISD - Climate Change Policy & Practice. 14 јуни 2008. Архивирано од изворникот на 2013-03-23. Посетено на 2014-09-11.
- ↑ Фелдман, Адам (7 јули 2008). „Што е погрешно со Г8“. Forbes. New York. Архивирано од изворникот на 2008-08-03. Посетено на 2014-09-12.
- ↑ 33,0 33,1 Shabecoff, Philip. "Go-Slow Policies Urged by Leaders in Economic Talks; Closing Statement Calls for Sustained Growth Coupled With Curbs on Inflation; Ford's Aims Realized; 7 Heads of Government Also Agree to Consider a New Body to Assist Italy Co-Slow Economic Policies Urged by 7 Leaders," New York Times. 29 јуни 1976; Chronology, June 1976. Архивирано на 15 јули 2010 г.
- ↑ „Самит на Г7 во Халифакс 1995“. Chebucto.ns.ca. 28 мај 2000. Посетено на 27 јуни 2010.
- ↑ 35,0 35,1 35,2 35,3 35,4 35,5 35,6 35,7 35,8 Kirton, John. "A Summit of Substantial Success: The Performance of the 2008 G8"; page 88 and 89 Архивирано на 1 октомври 2008 г. G8 Information Centre — University of Toronto July 17, 2008.
- ↑ „Самитот на Осуммина во Денвер“. State.gov. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Internet Archive Wayback Machine“. Web.archive.org. 12 декември 1998. Архивирано од изворникот на 12 декември 1998. Посетено на 21 мај 2011.
- ↑ „Документите на самитот на Г8 1999“. Web.archive.org. 26 февруари 2005. Архивирано од изворникот на 26 февруари 2005. Посетено на 27 јуни 2010.
- ↑ „Самит Кјушу-Окинава“. MOFA. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Vertice di Genova 2001“. Web.archive.org. 6 август 2001. Архивирано од изворникот на 6 август 2001. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ Italy officials convicted over G8, BBC News
- ↑ „UT G8 Info. Centre. Kananaskis Summit 2002. Summit Contents“. G8.utoronto.ca. Архивирано од изворникот на 2021-04-23. Посетено на 28 февруари 2010.
- ↑ „Самит во Си Ајланд 2004“. Georgewbush-whitehouse.archives.gov. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Special Reports | G8_Gleneagles“. BBC News. 17 септември 2008. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ David Miller "Spinning the G8" Архивирано на 28 мај 2009 г., Zednet, 13 мај 2005.
- ↑ „Самит на Хокаидо“. Mofa.go.jp. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Самит на Г8 2009“. G8italia2009.it. Архивирано од изворникот на 2010-04-06. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Самит на Г8 2009“. G8italia2009.it. Архивирано од изворникот на 2010-04-06. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Канадските планови за Г8“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-07-05. Посетено на 27 јуни 2010.
- ↑ „Премиерот на Канада: Премиерот објави дека Канада ќе биде домаќин на самитот на Г8 во Хантсвил“. Pm.gc.ca. Архивирано од изворникот на 2010-02-08. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ Учесници на самитот во 2010 Архивирано на 24 септември 2015 г.. G8 Information Centre. 29 јуни 2010.
- ↑ "Le prochain G20 aura lieu à Cannes," Le point. 12 ноември 2010.
- ↑ Киртон, Џон (26 мај 2011). „Prospects for the 2011 G8 Deauville Summit“. G8 Information Centre. Архивирано од изворникот на 2011-08-04. Посетено на 27 мај 2011.
- ↑ „Преместувањето на самитот на Г8 2012“. G8.utoronto.ca. Архивирано од изворникот на 2013-04-06. Посетено на 26 март 2013.
- ↑ „Белата куќа го премести самитот на Г8 од Чикаго во Кемп Дејвид“. CBS Chicago. 5 март 2012. Посетено на 5 март 2012.
- ↑ „Одморалиштето Лох Ерн во Фермано домаќин на самитот на Г8“. Bbc.co.uk. 20 ноември 2012. Посетено на 26 март 2013.
- ↑ „As it happened: G8 summit“. BBC News. Посетено на 18 јуни 2013.
- ↑ „Русија надвор по суспензијата од Г8“. The Scotsman. 18 март 2014. Посетено на 23 март 2014.
- ↑ „Г7 се согласи да ја исклучи Русија, да ги зголеми санкциите/светските водачи се сретнаа во Брисел во јуни без Русија“. The Wall Street Journal. 25 март 2014.
- ↑ „Рангирања на земји на Светската книга на факти на ЦИА“. Архивирано од изворникот на 2011-06-04. Посетено на 2014-09-06.
- ↑ „Извоз“. cia factbook. Архивирано од изворникот на 2008-10-04. Посетено на 2014-09-13.
- ↑ „Sovereign Wealth Fund Rankings“. SWF Institute. Посетено на 16 февруари 2012.
- ↑ „Статус на јадрени сили“. Федерација на американски научници. 26 март 2012. Посетено на 26 март 2012.
- ↑ „Кои земји имаат јадрено оружје?“. BBC News. 26 март 2012. Посетено на 26 март 2012.
- ↑ Малколн Чалмерс и Сајмон Лан (март 2010), NATO’s Tactical Nuclear Dilemma, Royal United Services Institute, Архивирано од изворникот на 2019-04-07, Посетено на 16 март 2010
- ↑ „Foreign Minister Wants US Nukes out of Germany“. Spiegel.de. 10 април 2009. Посетено на 10 април 2014.
- ↑ „Германија: Атомските централи ќе се затворат до 2022 година“. BBC. 30 мај 2011. Посетено на 12 август 2011.
- ↑ „Tomari shutdown leaves Japan without nuclear power“. BBC News. 5 мај 2012. Посетено на 5 мај 2012.
- ↑ „11 земји со совршен кредитен рејтинг“. Usatoday.com. 16 октомври 2013. Посетено на 10 април 2014.
- ↑ „Развојна програма на Обединетите нации“. Undp.org. Посетено на 8 февруари 2010.
- ↑ „Воени трошоци низ светот“. GlobalSecurity.org. Посетено на 10 декември 2007. Надворешна врска во
|publisher=
(help) - ↑ „Г8 и јадрената индустрија“. The Campaign for Nuclear Phaseout. јуни 2002. Архивирано од изворникот на 2007-12-26. Посетено на 28 ноември 2007.
- ↑ „Federation of American Scientists: Status of World Nuclear Forces“. Fas.org. Посетено на 12 јануари 2010.
- ↑ Милер, Тери (17 мај 2012). „G8 Food Security Agenda Should Encourage Greater Privatisation“. Heritage Foundation. Посетено на 18 мај 2012.
- ↑ Ли, Дон (6 јули 2008). „Пред самитот, значењето на Г8 е нејасно“. Los Angeles Times.
- ↑ „Кина оди кон втора светска економија“. CNN. 16 август 2010.
- ↑ Бремер, Ијан (14 мај 2012). „Добре дојдовте кон Новиот Светски неред“. Foreign Policy. Посетено на 16 мај 2012.
- ↑ Аслунд, Андерс (15 мај 2012). „Избркајте ја Русија од Г8“. Foreign Policy. Посетено на 16 мај 2012.
- ↑ Бремер, Ијан (15 мај 2012). „Putin's G-8 snub could keep the U.S. and Russia talking“. Foreign Policy. Архивирано од изворникот на 2012-05-19. Посетено на 16 мај 2012.
- ↑ Боско, Дејвид (16 мај 2012). „Three cheers for homogeneity“. Foreign Policy. Архивирано од изворникот на 2014-03-04. Посетено на 16 мај 2012.
- ↑ Хорган, Колин (21 ноември 2012). „Г8 сè уште значи: Дејвид Камерон“. Ipolitics.ca. Посетено на 25 март 2014.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Г8“ на Ризницата ? |
- Информациски центар за Г8 Архивирано на 1 мај 2009 г.
- „Специјален извештај: Г8“, Guardian Unlimited
- „Профил: Г8“, BBC News
|